Ловќен подобар од Прилеп во мечот за 3. место

Натпреварот за 3. место на Меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ во Прилеп финишираше со победа на екипата на Ловќен, која успеа да го совлада домашниот состав со 32:28. На овој меч имаше две различни полувремиња и периоди во кои и двете екипи имаа свои моменти.

Почетокот им припадна на прилепчани. Тргнаа посигурно и успеаја брзо да направат предност која изнесуваше два до три гола разлика. Сепак, ова не беше сигурна предност и не гарантираше мирно продолжение што се виде во 22. минута кога тимот на Ловќен израмни на 9:9.

Од тој момент работите тргнаа подобро за тимот на Ловќен и до крајот на првиот дел постојано беше во предност. Сепак, Прилеп доби пенал на истекот од времето за првото полувреме кој го реализираше и дојде до 15:15 на одмор.

Второто полувреме почна со подобра игра на гостите од Црна Гора. Имаа порасположен голман кој помагаше да се направи предност, па во 44. минута резултатот беше 20:26 и тука практично веќе беше решен победникот. Разликата се чуваше без поголеми проблеми до крајот иако имаше уште простор за надоместување. Сепак, прилепчани не успеаја да се снајдат, па на крајот остана резултатот 32:28.

Најефикасни во победничкиот табор беа Лакичевиќ и Перовиќ со по седум гола, додека во таборот на Прилеп по шест погодоци постигнаа Ролевски и Бозароски.

Финалето се игра од 20 часот, а претходно се играат и две ревијални средби.