Ландин го победи Милосављев во трката за играч на месецот

Никлас Ландин е избран за најдобар играч за месецот мај во машка конкуренција според дописниците на ЕХФ. Тој во трката за врвот се најде пред вардарецот Дејан Милосављев, а во топ 5 најдобри ракометари имаше место и за Игор Карачиќ. Овој потег се должи главно на фактот што Кил на крилата на нивниот супер голман успеа да го освои Купот на ЕХФ.

Првпат оваа сезона, играч кој не се натпреварува во Лигата на шампионите успева да ја земе оваа награда. Пред неколку месеци, Ландин го освои Светското првенство со својата репрезентација, а сезонава стигна и до трофејот во Купот на Германија. Несомнено одлична сезона за искусниот голман.

Кај дамите пак, наградата за играч на месецот ја доби Едуарда Аморим. Ракометарката на Ѓер е една од подобрите во светот, а истото го докажа на Ф4 во Лигата на шампионите каде најпрво во полуфиналето против Кристијансанд погоди четири пати, за во финалето да го „среди“ Ростов со  седум гола.

ЕХФ најдобар играч за месец мај

Жени:

1. Едуарда Аморим – Ѓер
2. Амандин Лејно – Ѓер
3. Андреа Пенезиќ – Шиофок
4. Ана Вјахирева – Ростов Дон
5. Естел Нзе Минко – Шиофок

Мажи:

1. Никлас Ландин – Кил
2. Дејан Милосављев – Вардар
3. Владимир Цупара – Келце
4. Игор Карачиќ – Вардар
5. Недим Ремили – ПСЖ