Лазаров: Тврдоглав сум и никогаш не се откажувам

Капитенот на македонската репрезентација или македонскиот Меси како што босанскиот весник „Независне“ го нарече Кирил Лазаров, говореше за јавноста во оваа земја. Десниот бек се осврна на многу теми, својата кариера, преминот во Франција, сезоната со Нант, па и за неговите почетоци со овој спорт.

„Трновит беше мојот пат до овде. Тврдоглав сум и никогаш не се откажувам. Одев чекор по чекор, се консултирав со луѓето кои ме опкружуваат, но одлуките секогаш ги донесував јас. Доаѓам од спортско семејство, мојот татко беше ракометар. Да можев ќе спиев со топката. По цели денови играв ракомет, кошарка, фудбал… Бев дрзок и сакав секогаш да победувам“, вели Лазаров.

Македонскиот ас потоа се осврна на француската лига во која се пресели пред две години.

„Никогаш не сум играл во покомпетитивно првенство. Тука секој секого може да победи. Клубовите ги зголемуваат буџетите, а и се повеќе квалитетни странци доаѓаат во Франција. Минатата сезона со Нант беше како од бајка, па се очекуваше еден пад, ако воопшто може да се нарече пад пласман во четвртфиналето на Лигата на шампионите. Мислам дека можевме повеќе, посебно на првиот натпревар во Нант, но треба да потенцирам и дека игравме без тројца стандардни ракометари“, продолжи Лазаров.

Најдобриот десен бек во светот не ја заобиколи и темата околу македонската репрезентација.

„Неколку пати бевме блиску до полуфиналето. Од 1997 година играм за репрзентацијата и убеден сум дека и во иднина ќе постигнуваме големи резултати. На народот кој го сака спортот и ракометот не смееш тоа да му го ускратиш“, заврши Лазаров.