Лазаров и Нант со втор домашен пораз, пласманот во Лигата на шампионите под знак прашалник!

Лазаров и неговите соиграчи си играат со оган во завршницата од сезоната во најсилната лига на Фрацнија. Актуелниот европски вицепрвак по минатонеделниот пораз од Ним доживеа ново фијаско откако на свој терен загуби дома од Екс ен прованс со 29:28.

Немаше да биде толку тешко за тимот предводен од Тјери Анти ако имаа целовремена негатива, но поразот го забележаа по водство на полувреме. Беа фаворити, се очекуваше да победат, но мотивираниот Екс ги изненади. Ни четирите гола на Кирил Лазаров не беа доволни за триумф.

Средбата тргна во изедначен тек, со повремени предности на гостинот, но недоволни за нешто посериозно. Нант брзо се враќаше а во последните десетина минути се стекна со два гола предност која ја одржа и на полувреме (15:13). Истата позитива не значеше ништо за домаќините, а Екс се погрижи да им ги замрси сметките.

Во 41. минута гостите се вратија во предност и не ја испуштија до самиот крај. Нант имаше обиди да се врати во игра, но никако не успеваше. Во 53. минута Кирил Лазаров промаши клучен пенал за изедначување, а еден напад подоцна противникот погоди за плус два кои им беа доволни за да го задржат резултатот во своја корист.

Главните конкуренти на Нант во трката за влез во Лигата на шампионите се Шамбери и Ним. Шамбери славеше против Данкерк со 30:24 и бодовно се израмни со вицепрвакот на Европа. Ним утре има тежок натпревар против Монпелје.