Лазаров и Нант останаа без Лига на шампиони

Екипата на Нант не успеа во клучниот натпревар во најсилната лига на Франција да дојде до победа, па со тоа остана и без можност да игра во Лигата на шампионите во следната сезона. Нант на Кирил Лазаров претрпе пораз на гостувањето кај Монпелје во меч во кој имаше 60 минути големо надигрување.

Составот на Монпелје славеше со 26:25, а до победата дојде откако во финишот ракометарите имаа поголема концентрација. Тие успеаја да го зачуваат својот гол и да бидат подобри така што на крајот се изборија за важни бодови кои му овозможија на тимот да ја зацврсти 2. позиција, а со тоа сигурно ќе си обезбеди место во Лигата на шампионите и за следната сезона.

Инаку, Нант беше во негатива речиси во текот на сите 60 минути и во ниту еден момент не успеа да го диктира темпото така што потоа беше тешко и да се обезбеди нешто повеќе на овој дуел.

Кирил Лазаров беше најефикасниот играч после првите 30 минути кога постигна три гола, но во вториот дел од средбата додаде уште еден погодок.

Со овој пораз тимот на Нант остана дури на 4. позиција, па следната сезона ќе мора во Купот на ЕХФ.