КУП НА ЕХФ: Фуксе Берлин донесе германско финале

Ракометарите на Фуксе Берлин дојдоа до победа од 24:20 во второто полуфинале од Купот на ЕХФ и на тој начин си обезбедија место во утрешното финале каде што ќе има пресметка меѓу двата состави од Бундес лигата.

Фуксе Берлин го реши натпреварот уште во првите 30 минути кога си обезбеди предност од четири гола. Имаше водство од 12:8 и овие четири гола се покажа како сосема доволни за  мирно продолжение на средбата.

Иако после одморот тимот на Порто успеа на моменти да дојде до попристојна негатива, сепак, немаше сили за нешто повеќе и мораше да се помири со поразот од 20:24. На тој начин екипата на Фуксе Берлин се најде во финалето каде што утре од 20:45 часот ќе се соочи со тимот на Кил, кој е домаќин на Ф4 турнирот.

Инаку, Паул Друкс со шест гола и ветеранот Ханс Линдберг со пет беа најефикасни во редовите на тимот од Германија, додека во Порто, Мигел Алвеш со шест и Алварез Итуриза со пет беа првите стрелци.