Кумановки сезонава во напад за најголемиот клупски успех досега

Првиот тим што ќе гостува кај новиот Вардар сезонава е Куманово, а овој состав кој ќе се натпреварува во Женската лига влегува со засилени амбиции односно со желба да се избори за резултат со кој ќе направи чекор напред за својата историја.

Кумановки денеска во 14:30 часот ќе играат во СЦ „Јане Сандаски“ и тука ќе имаат можност да покажат дека влагаат сериозно во новата сезона.

„Свесни сме за она што ни претстои во оваа сезона во која повеќе го нема квалитетот на Вардар со кој овој тим беше многу понапред во однос на сите други. Сега ќе биде поизрамнето, а со тоа и ние гледаме наша шанса за да успееме да стигнеме до добар резултат. Ќе ја чекаме нашата шанса и ќе се обидеме да ја нападнеме титулата“, вели претседателот на Куманово, Бобан Пеовски.

Тимот е посилен од лани и сега има поголем избор на ракометарки кои треба да донесат поголема конкуренција.

„Се засиливме, но уште не сме го затвориле ростерот за оваа сезона. Уште имаме простор за ангажирање на нови ракометарки. Сметам дека имаме можност да донесеме уште некоја ракометарка за да го засилиме тимот, а со оглед на тоа што преодниот рок трае до крајот на февруари имаме и доволно време за тоа“.

Што се однесува до конкуренцијата јасно е каде се гледаат ривалите против кои ќе треба да се бие главната битка за трофејот во првенството.

„Тука се во прв план Металург и Пелистер. Сметам дека против овие две екипи ќе биде главното во првенството и тука ќе мораме да направиме сè доколку сакаме да дојдеме до трофејот на крајот од сезоната. Јас не би сакал да ги потценам ниту новите ракометарки во Вардар. Се работи за девојки со огромен потенцијал пред кои е убава иднина. Можеби се неискусни, но сигурно нема да биде воопшто лесно. Затоа ние ќе мораме на секој натпревар да одиме максимално ангажирано доколку сакаме успешна сезона“, коментираше за 24 Ракомет, Пеовски.

Куманово лани финишираше на 3. позиција и дефинитивно е со убави шанси сезонава да стигне до уште подобар резултат.