Костески: Заминувањето во Загреб е голем чекор напред во мојата кариера

Кадетскиот, младински и сениорски репрезентативец на Македонија, Ненад Костески, од следната сезона ќе ги брани боите на хрватскиот и поранешен европски шампион Загреб. Ракометарот на Струга, кој настапуваше и за Металург 2 во претходната сезона, пружа одлични партии на клупско и репрезентативно ниво, па тоа не остана незабележано од страна на Бранко Тамше и раководството на Загреб.

Тој ја продолжува низата на македонски ракометари што играле во Загреб како Кире Лазаров, Митко Стоилов, Бранко Ангеловски, Иван Марковски, Лазо Мајнов, Велко Маркоски, Александар Јовиќ…и потпиша договор на четири сезони со хрватскиот првак. Десното крило вели дека сега е вистинското време за почеток.

„Сметам дека е време да започнам интернационална кариера. Загреб е феноменален тим што и мислам дека таму можам многу да напредувам и да го усовршам моето знаење. Потпишав на четири години со Загреб и мислам дека не направив грешка. Се надевам дека ова за мене е чекор напред во кариерата“, вели Костески за 24Ракомет.

На десната крилна позиција во Загреб во моментов настапуваат искусниот Златко Хорват и младио Јосип Божиќ Павлетиќ, па Костески ќе има силна конкуренција.

„Хорват веројатно останува и наредната сезона во Загреб, па така ќе имам од кого да учам, тој е многу искусен и квалитетен играч на позицијата на кој играм јас“, продолжува Костески.

Младиот стружанец за првпат се најде и на сениорскиот список на селекторот Брестовац за претходната акција, но се уште го нема дебито.

„Ќе оставaм времето да покаже и селекторот да одлучи дали ќе го имам првиот настап за репрезентацијата веќе во дуелите со Турција и Грција. Јас ќе продолжам да работам напорно и да се трудам да фатам место во А селекцијата. Тоа што бев на поширокиот список за натпреварите со Исланд исто така ми даде голем мотив да продолжам да работам уште понапорно“, заврши Костески во изјавата за 24Ракомет.