Кил се намачи со Замалек, сега го чека Вардар да победи за да се судрат во полуфинале

Ракометарите на Кил дојдоа до победа од 32:28 во второто четврт-финале на Светското клупско првенство. „Зебрите“ одиграа две различни полувремиња, но најмногу поради желбата да се тактизира и да се штедат силите со оглед на тоа што утре ќе имаат трет натпревар во три дена.

Уште во првото полувреме беше јасно дека Замалек нема да може да следи доколку Кил игра на максимиум. Ландин беше одличен на голот и не дозволуваше Замалек да остане во игра. Со неговите одбрани се направи и разликата од шест гола и предност од 18:12 на полувреме.

Сепак, во вториот дел Филип Јиха одлучи да им даде шанса на другите. Дарио Квенштед застана на голот, па почнаа проблемите. Замалек за осум минути се врати и успеа да намали на само гол, 19:20. Тука беше јасно дека ќе мора да се одигра максимално до крај и дека нема да може да се тактизира што донесе до враќање на водството на 3-4 гола.

Замалек беше одличен противник во второто полувреме, но беше јасно дека не може да парира на далеку посилниот ривал. На тој начин Кил го потврди местото во полуфиналето и сега може мирно да го чека дуелот меѓу Вардар и Ал Мудар бидејќи противникот за полуфиналето доаѓа од оваа средба.

Голманот Ландин имаше 13 одбрани, а од нив два беа удари од седум метри. Никлас Екберг и Микола Билик постигнаа по девет погодоци и беа далеку најефикасни. Во Замалек голманот Мохамед Али одбрани 11 удари, а Саад и Елдера имаа по шест погодоци.