Калараш: Барса е Барса, но ние сме Вардар…

Во финишот на сезоната сите погледи се насочени кон Келн и завршниот турнир од Лигата на шампионите. Вардар по трет пат по ред ќе учествува, а за противник во полуфиналето го има истиот противник кога го освои шампионскиот пехар, Барселона.

Рускиот репрезентативен пикер и член на Вардар, Глеб Калараш во пресрет на завршниот турнир смета дека нема фаворити на натпреварите во полуфиналето.

‚‚Најдобрите четири тима се пласирани во Келн, тешко е да се игра против секој од ривалите. Ние ја добивме Барса, слушам дека нив сите ги фаворизираат. Според моето мислење никој не треба да биде етикетиран како фаворит. Тие се Барселона, ние сме Вардар. Трет пат по ред сме во најдобрите четири, никој друг не може да се пофали со тоа. Сеуште не сме ги анализирале дуелите на Барселона со Нант, но тренерите сигурно ќе подготват видео, а и сезонава игравме со нив два пати. Иако ги изгубивме двата дуели сепак, многу време помина од тогаш и ова е еден натпревар имаме време за подготовка и очекувам интересен дуел‘‘, рече Калараш.

Постојат најави дека после сезонава ќе се пресели во Украина, во екипата на Мотор Запорожје но тој не сака да зборува на таа тема додека не заврши Ф4.

‚‚Постои интерес од Мотор, но не сакам ништо официјално да објавам за моите планови. Играме на завршниот турнир во Лигата на шампионите и подготовките за тие натпревари моментално се најважни‘‘, заврши Калараш.

Рускиот ракометар е важен играч во играта на Вардар во одбраната, кој сигурно ќе има важна улога и на завршниот турнир кој се игра на 1 и 2 јуни.