Како ќе изгледаат ЛШ и другите европски купови за две сезони (ФОТО)

Европскиот ракомет на клупски план се подготвува за големи промени, а истите ќе се случат пред почетокот на сезоната 2020/2021. Тогаш на сцена стапуваат нови формати во сите купови. Воедно ќе има и еден нов куп, а повеќе нема да има Челенџ куп.

Трансформацијата ќе биде направена и во машка и во женска конкуренција, но измени нема да бидат само во однос на бројката на екипите и форматот туку и во термините за играње на натпреварите. Според новините машките и женските средби нема да се подудираат со термините и ќе се играат во различни денови.

Лига на шампиони со 16 екипи, без квалификации

Тимовите кои ќе играат во групите од Лигата на шампионите ќе се најдат таму без да играат квалификации. Вкупно 16 екипи ќе бидат поделени во две групи. Тие ќе одиграат по 14 кола, а потоа најдобрите две од групите одат директно во четврт-финалето. Тимовите од 3. до 6. место ќе разигруваат во осминафиналето додека натпреварувањето го напуштаат екипите кои се пласирани на последните две места.

Четирите победници од осминафиналето одат понатаму и ќе се соочат со оние кои директно се пласирани по што исто како и досега ќе се одредат четирите клуба кои одат на Ф4 турнирот.

Истиот систем ќе биде применет и во женска конкуренција што ќе биде промена во однос на минатите години бидејќи кај дамите се играше во поинаков систем досега.

Европска ракометна лига

Новиот куп од сезоната 2020/2021 ќе биде Европската ракометна лига. Тука ќе се разликуваат натпреварувањата во машка и во женска конкуренција.

Кај мажите ќе има две квалификациски кола. После нив ќе бидат добиени 12 екипи кои ќе се пласираат во групната фаза каде што ќе ги чекаат уште 12 тима кои директно ќе си обезбедат место. Ќе се игра во четири групи со по шест екипи, а од секоја најдобрите четири одат во осминафиналето. Потоа по систем на елиминација ќе се оди до Ф4 турнирот.

За разлика од Машката Европска ракометна лига во Женската ситуацијата е поинаква. Тука нема да има екипи кои ќе одат директно во групната фаза туку сите ќе мораат низ квалификации. Ќе бидат одиграни три кола, а после финиширањето на 3. коло ќе има 16 екипи кои ќе се пласираат во групите.

Ќе има четири групи со по четири екипи и најдобрите две од секоја од групите ќе обезбедат пласман во четврт-финалето. Тука има едно елиминациско коло помалку во однос на жените, а исто како и во машка конкуренција шампионот ќе биде добиен преку Ф4 турнир.

Купот на ЕХФ ќе го замени Челенџ купот

Од 2020/2021 повеќе нема да има Челенџ куп. Тој се трансформира во Куп на ЕХФ, кој добива нов формат. Натпреварите ќе се играат со елиминации односно нема да има групна фаза.

Средбите ќе стартуваат со две рунди на квалификации за да се добијат 1/16-финалистите. После 2. коло ќе се знаат 32 екипи кои ќе ги продолжат битките до крајот, кога треба да бидат добиени само две екипи кои ќе се борат за трофејот.

Истиот систем е планиран и за машка и за женска конкуренција.

Средбите во различни денови

За да нема подудирање со термините за одигрување на натпреварите во Лигата на шампионите и новата Европска ракометна лига ќе има различни денови за играње.

Според новите планови средбите во машка конкуренција во Лигата на шампионите ќе се играат во среда и во четврток. За викендот остануваат дуелите во женска конкуренција од истиот куп.

Европската ракометна лига кај мажите ќе се игра во вторник, со можност дел од натпреварите да се играат и во среда. Женските средби и тука се планирани да се играат за време на викендот.

Затоа, пак, натпреварите во Купот на ЕХФ и во двете конкуренции нема да се играат во работните денови туку ќе бидат за време на викендите.