Каде е Глеб Калараш? Русинот не ги почна подготовките со Мотор Запорожје!

Рускиот репрезентативец Глеб Калараш кон крајот на минатата сезона потпиша договор со украинскиот првак Мотор Запорожје, каде што веќе помина две години од кариерата. Сепак како одминуваа дуелите со Загреб, ПИК Сегед, Барселона и Веспрем, така Калараш го пронаоѓаше своето вистинско место во составот на Вардар и стана миленик на навивачите.

Веројатно и него не му беше сеедно што мораше да замине во Мотор, но двата клуба на почетокот на овој месец не се договорија за оштета и Калараш се помири дека ќе оди во Запорожје. Вардар во меѓувреме купи нов пикер, Словенецот Домен Сикошек Пелко и комплетираше триото на линијата со Стоилов и Горпишин.

Калараш се појави на заедничкиот одмор со вардарци во Хрватска, но не се појави на првиот собир, ниту на првите тренинзи на новиот клуб што почнаа на 15 јули. Интересно е што во сите текстови на официјалниот сајт на Мотор меѓу новите имиња не се споменува името на Калараш и нема негова изјава, а има од сите други нови играчи.

Тренерот Николај Степанец во интервју за клупскиот сајт најави дека Калараш треба да се приклучи во текот на следните неколку дена откако ќе направел операција, иако не беше најавено претходно или не се знаеше дека има некаква повреда. Неофицијално, се работи за проблем со работната дозвола, која мора да ја имаат сите руски државјани од 18 до 60 години кои работат на територијата на Украина, со оглед на лошите односи на двете држави.

Дали навистина Калараш направил операција и подоцна ќе се приклучи на подготовките на Мотор останува да видиме.