Историска победа на Мундијалот во Скопје

На седмиот ден од Светското првенство за кадети во Скопје конечно се случи еден од дебитантите да дојде до победа. Селекцијата на Тајван успеа да дојде до историскиот триумф во мечот против уште еден дебитант, Канада со 33:17 со што запиша историски бодови.

Репрезентативците на Тајван и на претходните натпревари покажаа дека имаат солидно ниво на квалитет, но против селекциите од Европа не можеа доволно добро да се снајдат така што четирипати капитулираа. Сепак, на дуелот против Канада минаа како што посакуваа и водеа во текот на сите 60 минути.

Канада, пак, ќе почека за радост, а ќе има тешка задача до крајот со оглед на тоа што квалитетот е на страната на противниците. Инаку, овој пораз за Канаѓаните значи битка за пласман од 21. до 24. место, додека триумфот на Тајван му донесе борба од 17. до 20. позиција.