Исланд се испречи пред Македонија и ја прати во Президент купот

Репрезентацијата на Македонија одигра добра средба против Исланд, но не успеа. Загуби од Исланд на уште еден меч на големите натпреварувања и заврши на 4. место, па порано ќе се врати од Светското првенство. Поразот од 22:24 значи пласман на 4. позиција, а тоа не е доволно за да може да се оди во разигрувањето за квалификации за Олимписките игри.

Првиот дел од натпреварот одново мина во добра игра на Македонија. Одеше добро и имаше простор за реализација, а таквата игра носеше постојано водство. Македонија успеваше да одолее на нападите на противникот и да биде во водство кое носеше убав резултат за мирна игра.

Иако имаше водство, сепак, Исланд знаеше како да се врати во игра и да се држи во пристојна негатива. Во добар дел резултатот беше нерешен или со гол до два предност, а на одмор се отиде до 13:11, предност која беше убава, а не гарантираше мирно продолжение.

Второто полувреме не тргна најдобро. Македонија се соочи со проблеми при реализацијата. Она што во првиот дел одеше далеку подобро наеднаш стана проблем. Густавсон лесно запираше, па тоа овозможи Исланд да дојде до резулатски приклучок и да успее да се врати во игра во овој дуел. Играта со 7 на 6 не одеше најдобро. Немаше доволно простор за пивотите, па една таква игра придонесе на средина од второто полувреме да се дојде до прво водство на противникот.

Исланд поведе со 18:16 и Раул мораше да менува, па одлучи да повлече еден од пивотите и да продолжи со 6 на 6. Сосема јасно беше дека ќе мора во одбраната да се добие за да може да има простор за добар резултат на крајот. Откако Македонија се врати и успеа да израмни средбата влезе во драматичен финиш во кој беше јасно дека ќе решава само еден шут. Исланд не ја испушташе предноста и постојано беше во водство. Во Македонија постојано се бараше Кире Лазаров за да упати удар, а Исланѓаните знаеја добро откаде доаѓа опасноста.

При 21:23 и гол на Исланд следуваше мала помош од записничката маса бидејќи клупата на Македонија доби жолт картон, а Исланд нов напад. Не го искористија, а Манасков од мртов агол успеа брзо да донесе гол за 22:23, но Гунарсон беше ракометарот кој ги „нокаутираше“ сите желби за позитивен резултат.

Македонија ќе оди во Келн, но во Президент купот.

МАКЕДОНИЈА – ИСЛАНД          22:24 (13:11)

Сала: Олимписка во Минхен. Судии: Мирза Куртагиќ и Матијас Ветервик од Шведска.

МАКЕДОНИЈА: Ристовски (10 одб., 3 сед.), Митревски, Манасков 5/7, Стоилов 0/1, К. Лазаров 5/9, Чурлевски, Талески 4/8, Маркоски, Кузмановски 1/4, Танкоски, Георгиевски 1/3, Ф. Лазаров 2/2, Крстевски, Поповски 1/4, Пешевски 3/4, Серафимов.

Седмерци: 1/2, Исклучувања: 6 мин.

ИСЛАНД: Густавсон 0/1 (12 одб., 1 сед.), Бјоргвинсон, Палмарсон 2/6, Елисон 2/4, Сигурмансон 1/5, Гисласон, Гудмундсон 0/1, Магнусон 2/3, Ингасон, Гунарсон 10/13, Кристјансон 1/4, Арнарсон 2/2, Гудјонсон, Густафсон 1/1, Јонсон 2/3, Ејнарсон 1/2.

Седмерци: 2/5, Исклучувања: 8 мин.