Ина Суслина за 24 Ракомет: Нема да си заминам, Скопје останува мојот дом!

Искусната голманка на Вардар, Ина Суслина е една од ракометарките коишто не планираат да прават промени во однос на местото на живеење и покрај тоа што екипата се растура на крајот од оваа сезона.

300x250

Таа во својата изјава за 24 Ракомет го потврди ова и рече дека Македонија останува нејзино место на живеење. Засега е неизвесно која ќе биде нејзината натамошна улога односно дали ќе остане дел од новиот Вардар во улога на тренер или можеби ќе биде сосема надвор од ракометот.

„Јас го сакам Скопје. Планирам да останам да живеам во овој град бидејќи сум заљубена во него. Тука ми е преубаво и тука ја гледам мојата иднина“, изјави Суслина.

Таа беше една од првите ракометарки кои дојдоа во Вардар уште во годината кога овој тим почна да се формира и да го добива изгледот со кој во последните пет години редовно се наоѓаше на завршниот турнир во Лигата на шампионите.

После дуелот против Митјиланд и таа не можеше да ги запре солзите, па објасни што се случило.

„Не планирав да плачам, но ме понесе атмосферата. Во еден момент како да ми застана нешто во грлото и почна да ме гуши. Се случи тоа и солзите дојдоа сами. Едноставно овие навивачи и нивното скандирање ме понесе и се случи она што се случи. Се надевам дека ќе успееме да им вратиме за сета досегашна поддршка. Очекувам да ја наполниме салата за да го прославиме трофејот од Лигата на шампионите и триумфално да ја затвориме оваа приказна“, изјави Суслина за 24 Ракомет.