ИДЕАЛЕН ТИМ НА 4. КОЛО ВО СУПЕР МАШКАТА ЛИГА (АНКЕТА)

Натпреварите од 4. коло во Супер машката лига донесоа мал број на голови и ова беше колото во кое имаше најмалку погодоци. На пет средби беа постигнати 260 погодоци, а најефикасни беа дуелите одиграни во Битола.

Домашните победија на двете средби одиграни во Битола и во Охрид. Еурофарм Работник и Пелистер беа убедливи на дуелите против Струга и Борец и тоа се двете најголеми победи во 4. коло така што битолчани можеа да уживаат во голем број на погодоци.

Што се однесува до Охрид таму домашните исто така немаа многу проблеми за да се изборат за бодови, па и овде имаше висока победа за екипата која играше пред своја публика.

Гостите обезбедија бодови на средбите во Скопје и во Прилеп. Дерби дуелот меѓу скопските екипи Пролет и Бутел Скопје го решаваа нијанси и тука гостите на крајот се радуваа, додека екипата на Радовиш славеше во Прилеп.

Од овие средби веќе ги одбравме најдобрите седуммина. Тимот на 24 Ракомет ги одбра најдобрите седум, а Вие со вашите гласови можете да го одберете најдобриот играч во колото.

Својот глас за ракометарот за кој сметате дека бил најдобар можете да го дадете во продолжение (Доколку анкетата не ви се појави веднаш почекајте неколку секунди за да биде вчитана).

ИДЕАЛЕН ТИМ НА 4. КОЛО ОД СУПЕР МАШКАТА ЛИГА

ГОЛМАН: Богдан Панченко (Бутел Скопје)

„Чуварот на мрежата“ на Бутел Скопје, Украинецот Богдан Панченко имаше голем удел во победата над Пролет. Тој собра 13 одбрани, а поради тежината над средбата и поради добрата партија се најде пред конкуренцијата на неговата позиција во изборот за голман на 4. коло во Супер лигата. Панченко полека влегува во форма и докажува дека е добро засилување за клубот, па од неговите одбрани понатаму може да зависи и формата на тимот,

ЛЕВО КРИЛО: Милан Поповиќ (Пелистер)

Ракометарот на Пелистер вторпат одигра одлично, а овој пат против Борец го носеше својот тим кон убедлива победа. Поповиќ постигна десет гола на средбата против велешани и беше играч на средбата. Поради одличната игра успеа да стигне и до местото во тимот на колото. Поповиќ е еден од играчите кои дојдоа летово меѓу битолчани кој се истакнува и досега го оправдува своето ангажирање од страна на тимот кој минатиот викенд ја забележа втората победа.

ЛЕВ БЕК: Филип Кузмановски (Еурофарм Работник)

Засилувањето за Еурофарм Работник, Филип Кузмановски одигра нов одличен меч. Тој беше лидер на тимот од Битола во победата над Струга. Кузмановски имаше клучна улога за триумфот така што беше лидер во победата на својот тим. Постигна осум гола, но покрај тоа што беше најефикасен неговата улога на теренот беше голема и само покажува колку големо засилување е за новата екипа.

СРЕДЕН БЕК: Ивица Илиев (Радовиш)

Организаторот на играта на Радовиш и лидерот на стрелците во Супер машката лига, Ивица Илиев имаше уште една партија со двоцифрен број на погодоци. Тој беше лидер во играта на радовишани и на овој дуел и беше виновникот за првата победа на тимот во оваа сезона. Илиев само продолжи со формата во која ја почна сезоната и веќе потврдува дека и годинава ќе биде лидер во екипата.

ДЕСЕН БЕК: Никола Ивановиќ (Е. Работник)

Играчот кој летово дојде од Партизан во екипата на Е. Работник, а полека влегува во шемата на новиот тим. Ивановиќ имаше солидни партии, а овој пат против стружани беше од помош за Кузмановски и Ѓукиќ. Оттаму си најде место и во тимот на ова коло, па се придружи на списокот на играчи кои влегоа во изборот за играч на 4. коло.

ДЕСНО КРИЛО: Златко Мојсоски (Бутел Скопје)

Уште едно коло во кое десното крило на Бутел Скопје, Златко Мојсоски е меѓу најдобрите во својот тим. Мојсоски постигна седум гола и беше еден од играчите кои покажаа најмногу во клучниот период од средбата. Toj беше играчот кој задаваше најмногу проблеми за одбраната на противникот и покажа најмногу и на овој дуел, па уште еднаш ќе биде во трка за играч на колото во Супер лигата.

ПИКЕР: Иван Тасески (Охрид)

Охриѓани во минатото коло го имаа играчот кој доби најмногу гласови, а овој пат во изборот на колото ќе биде пивотот Иван Тасески. Тој беше најефикасниот во редовите на Охрид со седум гола на средбата против Вардар јуниор и дефинитивно покажа дека влага во добра форма како што одминува времето. Тасески е еден од поискусните во составот на Охрид и играч од кој секако ќе се очекува и понатаму многу.

СУПЕР МАШКА ЛИГА

РЕЗУЛТАТИ ОД 4. КОЛО

ЕУРОФАРМ Р. – СТРУГА               34:16

ПЕЛИСТЕР – ГРК БОРЕЦ               36:23

ПРИЛЕП – РАДОВИШ   25:33

ПРОЛЕТ – БУТЕЛ СКОПЈЕ             20:22

ОХРИД – ВАРДАР ЈУНИОР         30:21

СЛЕДНО, 5. КОЛО (13/14.10.2018)

РАДОВИШ – ОХРИД

БУТЕЛ СКОПЈЕ – ЕУРОФАРМ Р.

ВАРДАР ЈУНИОР – ПЕЛИСТЕР

СТРУГА – ПРИЛЕП

БОРЕЦ – ПРОЛЕТ

ТАБЕЛА: 1. Еурофарм Р. 12 бода (128:87); 2. Охрид 9 (123:99); 3. Бутел Скопје 9 (106:92); 4. Струга 9 (112:112), 5. Пелистер 6 (116:115); 6. Вардар јуниор 6 (113:128); 7. Пролет 3 (100:104); 8. Радовиш 3 (130:136); 9. Прилеп 3 (104:115); 10. Борец 0 (95:139).