Играм – не играм: Борец ќе ја доврши сезоната во Суперлигата!

Откако пред седмица, раководството на Борец ја информираше јавноста дека се повлекува од Суперлигата и од сите младински конкуренции поради финансиски проблеми, денеска нова информација, во која се вели дека велешкиот тим сепак ќе ја доигра сезоната.

Ветераните на велешкиот клуб се обидуваат да се надмине лошата состојба во клубот и најдоа начин да се одиграат двата натпревари до есенскиот дел на полусезоната. Се договорија да помогнат клубот да го заврши натпредувањето, а потоа локалната власт да најде нов УО.

„Двата натпревари, неодиграниот со Охрид и со Пелистер дома од редовното коло, ќе се одиграат со младинска екипа. Нема да дозволиме клубот да биде казнет со три години настапување и префрлање во најнизок ранг натпревари. Останува само дилемата како ќе бидат наградени младите ракометари кој ги бранеа есенва боите на ГРК Борец“ – велат ветераните на велешкиот клуб за локалните медиуми.

Парите што требаше да ги даде Општина Велес во Борец, се одамна префрлени на сметката на велешкиот клуб, но тие веднаш биле наплатени за тужби на поранешни ракометари. Натпреварот меѓу Борец и Пелистер ќе се одигра утре во салата „Гемиџии“ со почеток во 19:00 часот.