Загреб се исплаши од Нексе – го пријави Вори за дербито во петок

Двете најдобри екипи во Хрватска, ППД Загреб и Нексе в петок од 17:30 часот ќе одиграат дерби натпревар во Нашице, а тоа ќе биде шанса да се види кој тим ќе биде поблизу до титулата во моментов во шампионатот. Гостите се фаворити, но тие не се така сигурни, па за овој дуел ќе сметаат и на спортскиот директор на репрезентацијата на Хрватска, Игор Вори.

Ветеранот кој уште од 2003 година беше дел од репрезентацијата која редовно освојуваше медали на големите натпреварувања се повлече од активното играње минатото лето, но во текот на паузата клубот одлучи да го пријави за настап и него и Тончи Валчиќ, кој е помошник на Бранко Тамше.

„Игор е дете на овој клуб и веќе неброен број пати покажал дека е верен војник на кој можеме да се потпреме. На полусезоната ги пријавивме Вори и Валчиќ за евентуален настап доколку се укаже потреба за тоа. Со оглед на тоа што веќе некое време не можеме да сметаме на повредениот Леон Шушња и сме дефицитарни на позицијата кружен напаѓач оценивме дека услугите на Игор ќе ни дојдат добро. Вори сигурно ќе настапи против Нексе, а за остатокот од сезоната останува да се види. Останува на располагање ако има потреба“, стои во соопштението на ППД Загреб.

Двете екипи кои редовно играат и во СЕХА-лигата и годинава се кандидати за титулата и јасно е дека нивните меѓусебни пресметки ќе решаваат за трофејот.