Загреб останува без Словенецот: Урх Кастелиц се сели во Гепинген

Голманот на хрватскиот првак Загреб, Урх Кастелиц, на крајот на сезоната си заминува од сехалигашот и ќе се пресели во Бундес лигата. По две сезони минати кај „плинарите“, Кастелиц од следното лето ќе ги брани боите на Гепинген.

Таму ќе го замени словенечкиот голман Примож Прошт, кој беше дел од бундеслигашот шест сезони. Кастелиц ја изненади словенечката јавност, кога пред две години премина од Целје Пивоварна Лашко во големиот ривал Загреб.

Добрите партии во дресот на „плинарите“ му овозможија трансфер во Бундеслигата. 22-годишниот Кастелиц ја започна кариерата во Кршко, пред да премине во Целје во 2012 година, од каде пак една сезона беше отстапен на Слован Љубљана. Подоцна играше за Марибор Браник, а една полусезона мина и во унгарскиот ПИК Сегед.