Железничар и Вујо ќе го предизвикаат Вардар

До крајот на годината за Вардар остануваат само уште натпреварите од СЕХА лигата, а следниот на програмата е в сабота во Ниш кај српскиот вицепрвак Железничар. Средбата е закажана за 20:15 часот.

Вардар на овој натпревар е фаворит, не само поради разликата во бодови и местата на табелата туку и поради фактот што „црвено-црните” треба да освојуваат бодови за да го потврдат првото место и сигурниот пласман на Ф4 турнирот во СЕХА лигата.

Домашниот тим на Железничар има три победи и едно реми, а во последниот меч во српското дерби одиграа нерешено 27-27 со Војводина. Тимот сака да биде конкурентен, и за последните мечеви го ангажираше и ветеранот Ратко Николиќ, кој е екс играч на Вардар.

На првиот меч одигран во Скопје на почетокот на септември Вардар триумфираше со 35-20. Со кој тим ќе отпатува Парондо во Ниш ќе се знае по последниот тренинг, а на претходниот меч со Металург во составот ги немаше Стоилов, Дибиров и Гедбан.