Еурофарм Работник ја оправда фаворитската улога: Победа над Пролетер како загревање на струшкиот турнир

Вториот ракометен ден на струшкиот турнир започна со победа на уште еден македонски преставник. Македонскиот вицепрвак Еурофарм Работник го совлада српскиот претставник Пролетер Зрењанин со 35-22  и ја најави својата кандидатура за трофејот.

На ракометното игралиште покрај Охридското езеро, „фармацевтите“ започнаа фуриозно и со 3-0 веќе го најавија токот на натпреварот. Ракометарите на Љубомир Обрадовиќ се обидоа да фатат приклучок , но успеваа да одржат минимална негатива само во почетните десет минути. Потоа битолчани преку Јотиќ и Џукиќ создадоа предност од пет голови која ја одржуваа до самиот финиш на полувремето. Иако голманите на Пролетер беа на висина на задачата, сепак тоа не им попречи на македонските вицепрваци да додат до најголемата разлика на крајот на првиот дел од 17-11. На спротивната страна тренерот Алушовски им даде еднаква шанса на тројцата голмани на Еурофарм Работник, репрезентативниот голман Никола Митревски имаше одлично деби со 9 интервенции, потоа Чаневски собра 4, а Трајковски имаше 8 одбрани.

Избраниците на Стевче Алушовски продолжија во ист ритам и по паузата, па во воведните 5 минути ја зголемија разликата на високи 19-11. Средината на вториот дел им припадна на гостите од Србија. До 40. минута успеаа да го преполоват високото водство на македонскиот вицепрвак, а во 42. минута се приближија на „минус три“. Сепак поквалитетниот ростер на битолчани, расположениот Ловро Јотиќ, добрата одбрана и прецизните контра напади ја вратија највисоката предност на Еурофарм Работник (28-20), на десет минути до крајот. Тука заврши и отпорот на Пролетер Зрењанин, на пет минути до крајот разликата меѓу двете екипи беше десет голови, а до истекот на шеесете минути Еурофарм ја зголеми на највисоки и конечни 35-22.

СТАТИСТИКА

РК EУРОФАРМ РАБОТНИК 35-22 (17-11) РК ПРОЛЕТЕР ЗРЕЊАНИН

Ракометно игралиште „Наумче Мојсовски“ Струга

Гледачи: 500

РК ЕУРОФАРМ РАБОТНИК: Митревски(10 одбрани), Трајкоски(8 одбрани), Чаневски(4 одбрани), Ојлески 3, Маџовски 2, Петровски, Чурлевски, Стјепановиќ 5, Радовиќ 2, Шевелев, Јотиќ 8, Вегар 2, Куковски, Ратајец 1, Граѓан 4, Ѓукиќ 7, Кузмановски, Петровски 1

ТРЕНЕР: СТЕВЧЕ АЛУШОВСКИ

РК ПРОЛЕТЕР ЗРЕЊАНИН: Шипка, Пешиќ, Тодоров 5, Рашиќ 2, Грачиновиќ 2, Живановиќ, Рниќ 51, Терзиќ 2, Кривошија 1, Мириќ 1, Канижај, Радовиќ 3, Карлаш 1, Кнежевиќ(8 обрани) , Шару (8 одбрани)

ТРЕНЕР: ЉУБОМИР ОБРАДОВИЌ