Еурофарм Работник со победа во Скопје ги завери второто место и пласманот во СЕХА

Ракометарите на Еурофарм Работник дојдоа до убедлив триумф од 30:16 на гостувањето во Скопје кај тимот на Пролет и на тој начин се изборија за потврда на 2. место во плеј-офот од Супер машката лига што носи место во СЕХА-лигата за следната сезона.

Тимот од Битола тргна далеку подобро во мечот и уште од стартот наметна свое темпо кое беше тешко да се следи од стрна на противничките ракометари. Пролет издржа до 10. минута кога имаше резултат од 4:5. Тука падна концентрацијата и беше дозволено гостите набрзина да направат предност од пет гола и да поведат со 9:4.

После оваа разлика веќе беше извесно дека до крајот на првиот дел ќе биде само прашање со која разлика ќе бидат добиени првите 30 минути. Гостите одиграа доволно добро за да можат на одмор да заминат со 15:7, а главниот проблем кај ракометарите на Пролет беше реализацијата. Домашните ракометари имаа барем пет промашени зицери кои ги оставија далеку од противникот.

Вториот дел не донесе нешто поразлична игра. Пролет успеа во првите неколку минути од второто полувреме да остане на негатива од 7-8 гола, но потоа одново падна ритамот, па битолчани немаа проблеми да се вратат во ритам и само да ја зголемат предноста. Разликата рано стана двоцифрена така што немаше проблеми за тимот на Еурофарм во финишот да одигра мирно и да дојде до победа која му го обезбеди второто место кое носи во Купот на ЕХФ и во СЕХА-лигата.

ПРОЛЕТ – ЕУРОФАРМ РАБОТНИК          16:30 (7:15)

Сала: „Македонско сонце“ во Скопје. Гледачи: 200. Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски од Скопје. Делегат: Русе Наумовски од Скопје.

ПРОЛЕТ: Кристо, Кимевски, Коруновски, Василевски 2, Аларов 2, Јовчевски, Давитковски, Манев, Ролевски, Трајковски 3, Андоновски 6, Мајнов 1, Дамчевски, Дука, Стојановски, Манасков 2.

Седмерци: 3/6, Исклучувања: 6 мин.

ЕУРОФАРМ РАБОТНИК: Трајкоски, Чаневски, Ојлески 5, Маркоски 3, Пецаковски 1, Талевски 1, Чурлевски, Д. Петровски, Кузмановски 3, Радовиќ 5, Кукоски, Крстевски, Остроушко 3, Граџан, Ѓукиќ 9, М. Петровски.

Седмерци: 2/4, Исклучувања: 16 мин.