Еурофарм Работник со голем пресврт до триумф во Добој

Екипата на Слога Добој која е домаќин на традиционалниот ТВ турнир денеска беше ривал на претставникот на Македонија, а Еурофарм Работник на крајот славеше со 26:24. После вчерашното реми битолчани имаа тешка задача и две различни полувремиња, но на крајот може да се пофалат со победа и в петок против Пекинг Универзитет ќе се борат за финале.

Ракометарите на Еурофарм Работник го почнаа одлично натпреварот и после пет минути имаа 3:0. Сепак, тука почна да паѓа ритамот, па противникот фати приклучок и почна да намалува. Во 16. минута резултатот беше 5:6,  а откако во 19. минута резултатот беше 7:7, домаќинот успеа да направи серија од три гола за четири минути и поведе со 10:7.

До крајот на првиот дел од средбата битолчани беа во негатива од 3-4 гола, но во последната минута успеаја да намалат и на одмор да заминат со 11:13.

Продолжението од средбата донесе многу подобра игра на Еурофарм Работник. Десет минути се одржуваа на два до три гола негатива, а потоа следуваше зголемување на ритамот. Одбраната почна да функционира, а нападот да профитира и во 47. минута резултатот беше 20:21. Веќе во следната минута од пенал беа обезбедени нерешени 21:21, а потоа и уште три гола. Практично серија од пет гола допринесе во 52. минута Еурофарм Работник да има 24:21.

Клучниот момент се чини беше на 24:22 кога Слога Добој промаши пенал и тука веќе беше јасно дека Еурофарм Работник оди кон триумф, а во последните две минути влезе со 26:22, па дојде до мало враќање на домашните што не им донесе нешто повеќе на овој дуел. Денеска голманот Трајкоски блескаше со дваесетина интервенции, додека Кузмановски и Радовиќ беа најефикасни со по пет погодоци.

Утре тимот од Битола е слободен, а в петок против Пекинг Универзитет ќе се обиде со висока победа да дојде до првото место во групата и место во финалето.