Еурофарм Работник се засили, со Остроушко ќе го пречека Спортинг в недела

Екипата на Еурофарм Работник добива засилување за натпреварите од Лигата на шампионите и на едно од најчувствителните места во тимот, позицијата лев бек. Во екипата се враќа ракометарот кој лани беше прв „бомбардер“ во редовите на битолчани, Владислав Остроушко кој требаше кариерата да ја продолжи во Романија.

Откако Остроушко не доби работна дозвола во Романија, Украинецот одлучи да се врати во Македонија и да го прифати договорот со Еурофарм Работник така што на двојно задоволство ќе има одново соработка.

Со Остроушко, Алушовски одново добива бек шутер, а воедно добива и многу посилен напад. Она што му недостигаше на првиот натпревар од СЕХА го добива со овој играч, кој веќе добро го знае неговиот стил на работа, па нема да има потреба од адаптација и веднаш ќе може да го одигра она што го има замислено.

Остроушко доаѓа во вистински момент и на само неколку дена до првиот меч од Лигата на шампионите против Спортинг, тим кој пред неколку дена исто така се засили со Марко Вујин од Кил.