Еурофарм Работник го турна Охрид кон плеј-аут

Тимот на Еурофарм Работник според очекувањата лесно славеше на гостувањето кај Охрид со 24-35 во 17. коло од Суперлигата.

Победникот беше решен уште по првиот дел, иако охриѓани успеваа да парираат барем првите петнаесетина минути до 6-6. Потоа се зачестија грешките на избраниците на Горан Андоновски и битолчани се одлепија на 6-9, а до паузата обезбедија и +5, 12-17.

Во вториот дел тренерот Алушовски им даде шанса на сите ракометари од ростерот, но тоа не се почувствува во резултатот. Напротив, разликата се зголемуваше во корист на „фармацевтите“ до конечните 11 разлика, 24-35.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Кузмановски со седум голови, а по пет постигнаа Ѓукиќ и Граџан. Кај Охрид се истакнаа Димитријески со пет, како и Ивановски и Везенковски со четири голови.

Охрид сега мора да триумфира на гости кај Пелистер, а да очекува Прилеп да победи на гости кај Пролет за да игра во плеј-оф, што е по малку нереално, па „гладијаторите“ по подолго време ќе разигруваат за опстанок во Суперлигата.