Екс-вардарци ги одмерија силите: Циндриќ и Душебаев подобри од Македа и Канељас

Пријателската средба меѓу Келце и Пик Сегед мина во знакот на четворица поранешни ракометари на Вардар. Играчите кои беа дел од шампионската генерација на „црвено-црните“ денеска имаа можност да се видат на терен и да се пресметаат, а подобри беа оние што играат во таборот на шампионот на Полска.

Келце го доби дуелот со 28:25 откако во првиот дел од средбата имаше иста разлика и водеше со 16:13. Сепак, имаше израмнета битка и нијанси решаваа кој ќе дојде до победата.

Лука Циндриќ и Алекс Душебаев покажуваат дека не го заборавиле заедничкото играње во Вардар и сега се тандем за успех на Келце. Циндриќ постигна четири, а Душебаев шест гола и беа носители на играта во нападот.

Македа покажува добра форма пред стартот од сезоната и тој успеа да реализира четири удари, додека Канељас беше реализатор на еден погодок.

Фото: pickhandball.hu