Доминантно за разделба: Вардарки го нокаутираа Митјиланд за петти фајнл-фор во серија

Ракометарките на Вардар и петта година по ред се пласираа на завршниот турнир во Лигата на шампионите и ќе имаат нов обид да се најдат на тронот во најсилниот куп. Вардарки денеска беа убедливи против Митјиланд и го совладаа со 32:25 така што го комплетираа триумфот во четврт-финалето, па веќе можат да размислуваат за завршниот турнир во Будимпешта.

Митјиланд беше ривал кој парираше само неколку минути, потоа следуваше буквално држење лекција во последниот меч во ваква постава во СЦ „Јане Сандански“.

Првите 5-6 минути од средбата одиграни во мал грч допринесоа за овој дуел да има возбудлив почеток. Вардар беше во предност, но составот на Митјиланд знаеше како да се соочи со „црвено-црните“ така што немаше простор за рано правење на разлика.

После 3:3 се забележа дека Вардар има сили за да го скрши отпорот на противникот. Иако Кристијансен и Бургард успеваа да најдат простор немаа поддршка од колешките. Тоа даваше простор за игра и за шанса за остварување на планираното, па откако беа направени две грешки за водство од 5:3, следуваа уште две акции кои ја донесоа оваа позитива.

Откако се направи оваа предност веќе беше и полесно да се игра. Митјиланд продолжи да функционира на организаторот на играта Вероника Кристијансен, па таа беше најопасната кон голот на Лејно и Суслина. Иако Вардар и оставаше премногу простор за игра, сепак, немаше шанса и за да може да ја задржи екипата на мала негатива.

Место тоа Вардар почна постепено да ја зголемува разликата. Променливата игра носеше и падови, но имаше грешки и кај противникот. Митјиланд во првиот дел направи седум, додека Вардар три и тука се виде разликата на теренот.

Во првото полувреме кое заврши 17:12 дури 75 проценти од головите за Митјиланд ги постигна Кристијансен, додека погодија само уште Бургард (3) и Фрис (1). Голманките беа под нивото. Лејно имаше две одбрани од игра, Суслина една од игра, а имаше и еден одбранет седмерец, додека Енглерт на спротивната страна запиша три одбрани. Премалку за еден ваков дуел за први 30 минути.

Она што беше сработено во првото полувреме продолжи и во вториот дел. Лејно влезе во ритам, одбраната ги консолидираше редовите, а гостинките влегоа во ризик со седум ракометарки во напад. Тоа донесе голем простор за Вардар, па на моменти дури и си поигруваа биејќи од својата половина. Неколку прецизни шута и цврста игра пред голот на расположената Лејно придонесоа за за 24:12 во 43. минута од средбата.

Првиот гол Митјиланд го постигна дури во 45. минута кога Кристијансен намали на 25:13, па ова беше тотално нокаутирање на противникот кој немаше никаква шанса за успех на овој дуел особено откако целосно капитулираше во периодот од 31. до 45. минута.

Во завршницата од средбата на Вардар му остана само формално да ја доработи задачата бидејќи победата беше уште рано обезбедена. Високата предност дозволи да се одигра и опуштено, па тоа противникот го искористи за да ја намали големата негатива. Сепак, многу порано беше јасно дека Митјиланд го загуби овој двобој, па конечните 32:25 ја потврдија победата за „црвено-црните“.

ВАРДАР – МИТЈИЛАНД              32:25 (17:12)

Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Гледачи: 1500. Судии: Иван Какадор и Еурико Николау од Португалија. Делегати: Аријана Војиќ од БиХ и Иван Долејц од Чешка.

ВАРДАР: Лејно (11 одб.), Суслина (2 одб., 1 сед.), Радичевиќ 4/5, Кликовац 1/3, Саздовска, Кузнецова 4/6, Бајрамоска 1/1, Лазовиќ 1/2, Пенезиќ 5/10, Чанаџија 3/3, Лакрабер 4/5, Хмирова 1/2, Цвијиќ 1/2, Лекиќ 7/11, Петровиќ 0/1, Ристовска 1/1.

Седмерци: -, Исклучувања: 4 мин.

МИТЈИЛАНД: Енглерт (3 одб.), Риде (7 одб.), Санс Сера , Фауске 1/6, Хансен 3/4, В. Кристијансен 9/12, Н. Кристенсен 1/2, Ганцел 3/3, Елебек 0/6, Фрис 1/2, Јенсен 2/3, Јакобсен 2/3, Педерсен, Бургард 3/6.

Седмерци: 3/3, Исклучувања: