ДОБРОСОСЕДСТВО: Го сменивме името, ама за Грците сè уште сме „скопјани“!

Македонскиот национален состав во недела во Струмица ќе го одигра последниот натпревар од квалификациите за Европското првенство 2020 година. Ние сме веќе пласирани на ЕП 2020, но овој дуел може да ја одведе македонската репрезентација до врвот на групата 3 што ќе значи и подобро рангирање при ждрепката. Токму затоа мечот има уште поголемо значење вклучително и тоа што противникот ни е репрезентацијата на Грција. Тие ни го нанесоа единствениот пораз во овој квалификациски циклус, но се противник со кој не спојува и децениски спор околу името на нашата земја.

Македонија од Кожани замина со пораз од 28-26, а освен лошата играта и резултатот, домаќините го одработија на вистинско ниво својот дел и се погрижија македонската делегација да нема никакви замерки. Сега влоговите се многу поголеми, за Македонија пласман на првата позиција во групата и втор шешир, а за Грција надеж за прв пласман на Европско првенство. Струмица е организатор на овој последен квалификацсики дуел за двете екипи, а од утре двете репрезентации ќе тренираат во спортската сала „Парк“. Токму најавата за заминување на грчката делегација кон Струмица крена многу прашина откако администраторот на официјалниот профил на грчката ракометна федерација го опиша противникот како „Скопјани“, како што речиси три децени не ословуваа.

    Од 19 февруари 2019, по претходно потпишан договор со Република Грција (Преспа, 17.06.2019),  нашата држава го добива официјалниот назив Република Северна Македонија, а граѓаните кои живеат тука во официјалните документи ќе бидат  Македонци.

Правилата се тука да се прекршуваат, а тврдокорната грчка ракометна федерација е само еден пример за „добрососедство“ и пријателство меѓу две земји кои по повеќе децении донесоа соломонско решение да погледнат кон иднината.

Веројатно ваквиот однос на Грчката федерација ќе донесе и нов гнев кај навивачите кои ионака се наострени да им приредат атмосфера полна со свирежи и навивање што сигурно нема да им се допадне на гостите.