Дејан Милосављев: Сакам да останам вечно во Вардар и да дадам исто како Штербик

Екипата на Вардар е вистински хит сезонава во Лигата на шампионите. Овој тим на крајот од минатата сезона се раздели со неколку ракометари кои отидоа во други клубови, а дојдоа неколку млади ракометари. Сепак, хемијата во клубот остана, а поискусните играчи ги поведоа младите кон нови предизвици и од нив добија позитивен одговор.

Спојот на искуството и младоста дава резултати, а клубот сезонава на голот го има Дејан Милосављев, кој доби одговорна задача во својата прва сезона да биде столбот на одбраната. Одлично ја работи својата задача и досега ги има сите пофалби за неговата игра.

„Првиот пат кога ме повикаа бев во Хрватска со репрезентацијата, во јануари. Менаџерот ми кажа дека Вардар се јавил и што мислам јас? Одговорив дека сакам во Вардар. Не прашав ниту едно дополнително прашање“, вели Милосављев за своите први контакти за Вардар во интервју за клупскиот сајт.

Секако првите импресиии после доаѓањето во екипата и влагањето во соблекувалната во која има големи имиња биле преубави.

„Искрено, првото чувство беше неверојатно уште кога влегов во соблекувалната и кога ја видов како изгледа. Ги гледав играчите како Тимур, Карачиќ, и сето тоа за мене беше големо воодушевување. Да можам да тренирам и секојдневно да живеам со нив значи многу“.

Тој е пресреќен што за кртко време доби статус на прв голман и успеа да докаже дека со своите одбрани може да му помогне на Вардар во обезбедувањето на многу победи во Лигата на шампионите.

„Многу сум среќен, не можам да го најдам вистинскиот збор за чувството кое го доживувам во Скопје. Пред три месеци играв во српската лига, а сега играм Лига на шампионите. Ги победивме Веспрем, Монпелје, Кристијанштад, Рајн Некар. И не знам, да ми кажеше некој да ја кажам најголемата желба што ја имам, тоа е ова што сега ми се случува со Вардар“.

Во тоа многу му помогнале колегите, а тој е презадоволен од односот на поискусните во тимот кон помладите.

„Кога дојдов првиот ден не очекував постарите играчи кои имаа успех во кариерата дека толку лесно пристапуваат до младите играчи и им даваат поддршка. Како да сме другари од почетокот и тоа ме воодушеви. Тоа се големи личности во светскиот ракомет и најмногу ме воодушеви нивниот пристап кон помладите“.

Веќе го има прекарот „Бејби Штербик“, а самиот вели дека тоа му годи и дека би сакал еден ден да го достигне неговото ниво.

„Мислам дека Штербик е еден и никој не може да биде како него. Искрено, Штербик е најдобар голман на сите времиња. А тој прекар ми импонира. Се трудам да допринесам за екипата како што и тој тоа ќе го стореше. Мислам дека и публиката тоа го гледа. Јас би сакал и јас да можам да дадам на клубот, колку што даде и тој“.

Милосављев има договор со клубот, но вели дека не сака да замине од оваа екипа туку вечно да остане во неа.

„ Во Вардар. Договорот ми е на три години. Но има луѓе кои кога ќе дојдат, коментираат, добро браниш, млад си, нема да останеш долго во Вардар, но јас не размислувам за друг клуб. Неверојатно е ова што тука го доживувам и би останал уште 15 години, целата своја кариера. Гледам зашто сите играчи тука би сакале да ја поминат кариерата. Најверојатно ќе дојде време да отидам во друг клуб, зашто сите менуваат, но сега би сакал да останам тука цела своја кариера, ако е можно“, вели Милосављев во интервјуто за клупскиот сајт на Вардар.

Комплетното интервју со Милосављев можете да го прочитате на следниот ЛИНК.