ДА НЕ СЕ ЗАБОРАВИ: Пред 18 години Кометал Ѓорче Петров ја покори Европа! (ВИДЕО)

19 Mај 2002 година со златни букви е запишан во историјата на македонскиот спорт и македонскиот ракомет. Иако тимот на Кометал Ѓорче Петров одамна нема европски лик и игра само во Женската лига, и понатаму е единствената женска екипа од нашата држава која може да се пофали дека ја освоила престижната Лига на шампионите.

Составот предводен на клупата од Александар Панов, а на теренот од легендарната Индира Кастратовиќ, пред 18 години на 19 мај, го победи Херц со 26:22 во реванш финалниот натпревар и за првпат во историјата, капитенот Гордана Нацева го крена пехарот.

Претходно тимот на Кометал играше во финалето против Хипо во 2000 година, на истиот датум беше одигран првиот меч во Виена, кој беше загубен со девет разлика, 32-23, па и покрај победата во реваншот, македонскиот тим не успеа да ја освои титулата.

Шансата против унгарскиот Херц, кометалки не смееја да ја пропуштат, бидејќи цела држава беше со нив. По минималниот пораз во Будимпешта, македонскиот тим славеше во реваншот со 26:22 и ја надмина негативата. Романката Луминица Дину царуваше на голот, а Индира Кастратовиќ на теренот. Подоцна Кометал ЃП повторно стигна до меч за трофеј, но загуби од данскиот Шлагелсе, пред да се распадне во 2009 година.

15 Ракометарки кои играа на легендарниот натпревар против Херц се: Дину, Калиниченко, Кастратовиќ, Платон, Велкова, Бујанова, Чупиќ, Будимир, Кисељова, Андрушенко, Нацева, Малахова, Пласницкаја и Златановска.