Даскалоски го доби дуелот со легендарниот Сиера, Стразбур го победи Саран

Голманот Златко Даскалоски ја продолжи одличната форма во француската Втора лига во дресот на Стразбур. Во последното коло неговиот тим славеше над силниот тим Саран со 32-30.

Гостите во поголем дел од натпреварот ја имаа контролата, но не водеа со повеќе од еден или два гола разлика, но сепак попуштија во финишот.

Стразбур во последните десетина минути поведе со два гола разлика, 30-28, гостите имаа шанса да намалат, но Даскалоски одбрани, а нашиот голман забележа и интервенција и при 31-29, по што комплетно го откажа Саран.

Даскалоски имаше 12 интервенции од 39 упатени удари, односно 31% одбранети удари, со што ја доби битката со голманот на Саран, Хозе Мануел Сиера, кој имаше исто така 12 одбрани, но од 44 упатени удари кон неговиот гол.