Данило Брестовац: Халил беше нашиот двигател во победата на Татран

Обезбедувањето на првата победа во СЕХА-лигата даде еден нов правец за Металург во сезоната. Ракометарите влегоа во подобар период и сигурно паузата ќе даде можност за да се дојде до уште подобри резултати после деновите за одмор и репрезентативни активности.

„Знаевме дека Татран има проблеми со ротација и сакавме да го искористиме тоа. На моите момци им се заблагодарувам за прикажаната игра и на Халил кој беше основен двигател во одбраната и во нападот. Му благодарам за краткото дружење и му посакувам сè најдобро. Очекувам да стане еден од најдобрите играчи во светот. Ми беше чест да му бидам тренер во овие 2-3 месеци“, коментираше Брестовац.

Тој изјави дека е задоволен како се работело на тренинзите, а резултатот беше доказ за она што е сработено.

„Досегашните резултати не беа мерило за нас бидејќи работиме добро. Би било добро ако фатиме континуитет. На местото на Халил доаѓа нов играч со кој треба одново да се уигруваме. Можеме да одиграме против секој противник. На овој дуел сите го одработија она што требаше. Секој нов меч е искуство повеќе и тоа помогна да одиграме на високо ниво до крајот на средбата и да го приведеме мечот кон победа“, рече тренерот на Металург.

Сега следува пауза до почетокот на ноември, а Металург следниот дуел го има против Стеауа на 7 ноември.