Данило Брестовац: Со помош на навивачите во обид за први бодови против Нексе

После двете гостувања кај Вардар и Мешков Брест екипата на Металург в недела ја очекува пресметка со тимот на Нексе во рамки на 3. коло од СЕХА-лигата. Гостува екипа која има две победи од по еден гол разлика и ова ќе биде дефинитивно интересен дуел на кој ќе има надигрување.

Разликата е во тоа што Металург мора да нападне бидејќи ги сака првите бодови сезонава и само со максимално ангажирана игра ќе може да дојде до првиот триумф.

„Одигравме два меча со Вардар и Мешков Брест. Објективно посилни екипи од нас и со поголем буџет. Доцна се вративме од патувањето во Белорусија и имаме уште подготовка. Имаме три тренинзи и видео сеанси. Утре од првиот тренинг почнуваме со подготовки. Се надевам дека ќе најдеме сили заедно со помош на навивачите да дојдеме до успех и ќе се обидеме да се избориме за победа на домашен терен“, коментираше тренерот на Металург, Данило Брестовац на денешниот прес.

Тој го кажа и своето видување на формата и причините поради кои се случи после одличниот старт и против Вардар и против Мешков Брест да се дојде до пораз.

„Има многу предуслови за да се добие еден натпревар. Јас не се согласувам дека не надиграа во Мешков. Ние промашивме неколку важни шутеви. Шилегов не реализираше два удари од крило, Лазаревски од пивот, Јагањац после еден на еден зицер ситуација. Сето ова може да биде поради замор, може да биде поради искуството. Може само да погодувам и јас. Бевме подобри во однос на првиот меч. Играме со физички посилни од нас противници. Кога ќе видам ми пречи само физичкиот изглед на играчите. Имаше ситуации каде не бевме заштитени од судиите. Не сакам да се жалам. Ракометот е и физичка игра и ако си малку послаб се чувствува на теренот. Моите играчи повеќе се трошат. Мешков има буџет од 5 милиони евра и 24 играчи под договор. Повеќе влагаа во ротација, повеќе беа свежи и повеќе не удираа. Ако реализиравме не велам дека ќе ги победевме, но ќе бевме многу близу со резултатот“, изјави Брестовац.

На оваа средба ќе ги нема и повредените Велковски и Јагуриновски, но се очекува за десетина дена сите да бидат на тренинзи и да бидат подготвени за настап.