Данило Брестовац: Не е добро за Кузмановски што си замина

Тренерот на Металург денеска и официјално остана без капитенот на тимот, Филип Кузмановски, па ростерот се намали. Сепак, тој го немаше Кузмановски на двете средби во СЕХА така што сосема извесно е дека работите остануваат исти.

„Не би имал многу да коментирам околу заминувањето на Кузмановски. Тоа беше направено на заедничко задоволство и Кузмановски повеќе не е наш играч“, изјави Брестовац.

Во однос на одлуката да замине од Металург и да продолжи во друга екипа, Брестовац имаше свое видување.

„Сметам дека не е добро за него како играч што си замина. Во Металург ќе имаше минутажа. Сакав своето најдобро светло да го покаже на СП и да отиде максимално подготовен на Мундијалот во Германија. Сепак, сега ќе му биде многу потешко бидејќи ќе му недостигаат квалитетни натпревари. Жал ми е што ќе го немам во екипата и што во следните десет месеци нема да соработуваме“, изјави тренерот на Металург, Данило Брестовац.

Кузмановски ќе ја продолжи кариерата во тимот на Е. Работник од Битола, а таму ќе игра до крајот на сезоната. Од следното лето како што е познато е играч на Магдебург.