Данило Брестовац: Можеме до победа против Мешков, барем од еден гол

Екипата на Металург се подготвува за мечот од 11. коло од СЕХА-лигата, а во Скопје доаѓа тимот на Мешков Брест. Ова е дуел кој ќе биде одигран во салата во СЦ „Јане Сандански“ поради зафатеност на салата во СЦ „Борис Трајковски“.

„Очекувам добра игра и сето она што го работиме да продолжи во нагорна линија во однос и на одбраната и на нападот. Прво треба да видиме со каков состав ќе дојдат. Сигурно нема да биде како на другите средби. Очекувам сега да бидат засилени. На попладневниот тренинг ќе работиме на анализа на тимот на Мешков. Имаме згуснат распоред, но очекувам да бидеме на потребното ниво. Се почувствува некој замор. Сепак, сметам дека можеме до победа барем и со еден гол разлика. Имаат на располагање голем ростер од 25-26 играчи, но сметам дека можеме до позитивен резултат“, изјави на прес-конференцијата тренерот на Металург, Данило Брестовац.

Тој верува дека момците можат да одиграат уште еден натпревар како против Вардар на кој 60 минути се бореа максимално.

„Мора константно да одиграме добро во сите 60 минути. Нас не може да ни помогне ако еден-двајца одиграат добро. Ние мораме сите да бидеме на ниво. Мораме да дадеме еден оптимум и во фазите на нападот и во одбраната. Немаме поединци кои самите можат да ни донесат победа. Оваа екипа е така формирана дека мора тимски да го извади натпреварот до крај“, коментираше Брестовац.

Натпреварот се игра в недела од 17:30 часот.