Дали ќе се повтори чудото од 2017? Еве зошто Вардар ќе биде нов европски шампион! (ФОТО)

Пред три седмици македонскиот шампион Вардар славеше над хрватскиот Загреб со 26-23 и ја освои титулата во регионалната СЕХА лига. Ова за македонскиот првак е петта титула од ова регионално натпреварување, а втора освоена во белорускиот град Брест.

Првата беше освоена во 2017 година под водство на Раул Гонзалес, a тогаш во финалето вардарци го победија Веспрем со 26-21. Истата година обезбедија место и на завршниот турнир во Лигата на шампионите и славеа над Барселона и ПСЖ.

Оваа сезона Вардар повторно е предводен од шпански тренер, Роберто Парондо, а „црвено-црниот“ тим има шанси да замине повторно во Келн на Ф4 во ЛШ, доколку го мине ПИК Сегед. Двомечот ќе се одигра во финишот на април и почетокот на мај.

Медиа тимот на СЕХА лига, освен тоа дека Вардар славеше во Брест и во 2017 и во 2019, како факти плус на страната на македонскиот тим, ги има истиот број на постигнати голови во финалните двобои против Веспрем и Загреб, 26, како и тоа дека по четворица играчи од „црвено-црниот“ тим се најдоа во идеалната постава.