Го освои Купот на Македонија, а сега ќе биде дел од вториот тим

Промените во тимот на Металург продолжуваат, а откако денеска стана јасно дека тренерот на Металург 2, Раде Стојановиќ се сели во Охрид, доаѓа и вест за тоа кој ќе го наследи на тренерската позиција.

Стратегот кој сезонава прво беше помошник на Данило Брестовац, а потоа и прв тренер и успеа да го победи Вардар во финалето од Купот на Македонија, Оливер Димитриоски ќе остане во клубот, но ќе го води вториот тим. Дека Димитриоски ќе го напушти првиот тим беше јасно уште после освоената титула кога претседателката на клубот за 24 Ракомет изјави дека веќе преговараат со еминентни тренери.

Пред неколку дена беше објавено дека првиот тим во новата сезона ќе го води Дамир Стојановиќ, кој досега нема работено во клуб кој играл во групната фаза од Лигата на шампионите. Оттаму Димитриоски се сели во втората екипа и ќе има задача да го води клубот каде во новата сезона ќе има уште помлади ракометари во однос на последните 2-3 сезони.

Металург 2 сезонава се врати во суперлигашкото друштво откако успеа да го освои првото место во Првата лига. Сепак, ќе следуваат промени, а дел од ракометарите одат во првата екипа. Оттаму неизвесно е и со кои ракометари што досега играа ќе располага Димитриоски во новата сезона.