Горан Кузманоски се враќа на терен, допинг аферата добива судска разрешница!

Поранешниот македонски репрезентативец, Горан Кузманоски потпиша нов договор со Еурофарм Работник до крајот на сезоната и по деветмесечна пауза повторно се враќа на терен. Тој завчера го имаше и првиот настап по паузата, во контролниот натпревар со шведскиот тим Ескилскуна Гуиф, во подготовките за новата сезона во која Еурофарм Работник за прв пат ќе игра во Лигата на шампионите и во регионалната СЕХА лига.  Во меѓувреме, допинг аферата во која Кузманоски беше суспендиран, ќе добие судска разрешница.

„Ова беа најтешки месеци во мојата кариера. Период што не би го посакал на ниеден спортист. За мене најважно е што ја докажав мојата невиност и што сум повторно со мојот тим на терен. Имав голема поддршка од моето семејство, од клубот и од тренерот Стевче Алушовски. Им благодарам за довербата која многу ми значеше во изминативе месеци, без нив немаше да успеам во борбата за вистината да излезе на виделина. Случајот ќе има судска разрешница, има надлежни што ќе се погрижат, мене ме интересира спортскиот дел. Имам долгогодишна кариера и се враќам таму каде што припаѓам, на ракометниот терен“, истакнува Горан Кузманоски.

Искусниот бек беше суспендиран во ноември минатата година поради позитивен допинг тест направен по суперлигашкиот дуел меѓу Еурофарм Работник и Бутел. Средството за слабеење на кое во составот не било означено дека ја содржи недозволената супстанца „сибутрамин“, Кузманоски го чинеше деветмесечна суспензија и сериозен ризик по здравјето. За расчитување на целата ситуација тој покрена дополнителна истрага во која е утрврдена грешката и случајот заврши на суд.

„Сите наводи се потврдени и сега ја тужам компанијата која го дистрибуира тој препарат. Случајот сега е во рацете на надлежните институции. Ова беше тешка битка, но успеав да ја докажам мојата невиност и да ја тргнам оваа дамка од мојата ракометна кариера“, вели Кузманоски.

Во својата долгогодишна кариера, Горан Кузманоски има настапувано за Тутунски Комбинат, Вардар, Металург,  Пролет, интернационалната кариера ја градеше во  Виља де Аранда (Шпанија), Мадеира (Португалија), Трелеборг (Шведска) и најдолго во Одорхеи (Романија) каде беше капитен и извесен период помошник тренер. Во 2018 година Кузманоски се врати во Македонија во составот на Еурофарм Работник.