Големите ривали си поделија по две победи: Струга во вториот дел го скрши отпорот на Охрид

Ракометарите на Струга и Охрид се соочија по четврти пат оваа сезона. Иако последните две пресметки можеби го немаа жарот како оние во регуларниот дел од Суперлигата, сепак езерското дерби имаше што да понуди и во последното издание од оваа сезона. Двете екипи го победуваа ривалот на домашен терен и си поделија по два труимфи.

Во првото полувреме ниту една од двете екипи не успеа да поведе со повеќе од еден погодок разлика, па следствено на тоа, имаше дури 12 израмнувања, пред да се замине на паузата со нерешен резултат, 12-12. Вториот дел тргна исто како првиот, се играше гол за гол, пред натпреварот да биде во прекин половина ча. „Рибари“ фрлија петарди на теренот, тоа се случи во 37. минута од натпреварот. Голманот на домашните, Александар Стојаноски, во чија близина паднаа петардите, можеше да биде повреден, но по лекарската интервенција, тој застана на нозе.

Делегатот Душко Камишевски, побара празнење на трибината на која се наоѓаат гостинските навивачи, па мечот продолжи, и повторно гол за гол до 15-15. Тогаш домашниот голман Стојаноски одбрани три удари во серија на гостите, па Струга се одлепи на 18-15 во 45. минута. Се вжештија и страстите на теренот, имаше остри стартови. Охриѓани за момент се вратија на 18-17, но повторно имаа пропусти во одбрана и Струга веќе беше на 21-17, па до крајот немаше дилеми околу победникот. Домашните лесо го затворија натпреварот со конечни 22-20.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Цителишвили и Николиќ со по шест погодоци, додека одлична партија имаше и голманот Стојаноски. Кај гостите се истакна Блажески со седум голови. За стружани заврши сезоната, додека на Охрид му останува да го одигра уште натпреварот со Вардар Јуниор.