Вујовиќ: Сите знаеме колку голем и успешен клуб е Вардар

Ракометарите на Вардар полека ги завршуваат клупските пред да се посветат на репрезентативните обврски. До крајот на годинава остануваат само уште натпреварите од СЕХА лигата, а следниот на програмата е в сабота во Ниш кај српскиот вице првак Железничар, кој е предводен од поранешниот тренер на „црвено-црните“, Веселин Вујовиќ.

„Сите знаеме колку голем и успешен клуб е Вардар. Ние играме подобро отколку на почетокот на сезоната – поагресивно во одбраната и очекувам добар натпревар. Верувам во мојот тим и покрај фактот што играме со мотивиран противник. Се соочуваме со проблеми на пивотменската позиција, но ќе сметаме на новото засилување Ратко Николиќ“, изјави Вујовиќ.

На првиот меч одигран во Скопје во септември, Вардар триумфираше со 35-20. Средбата во Ниш ќе се игра во салата „Чаир“, а ќе започне во 20: 15 часот. Покрај дуелот со Железничар, за Вардар ќе останат уште средбите со Татран Прешов дома и Стеауа на гости.