Вуко Борозан расчисти со Вардар, во иднина ќе биде „проблем“ на Барселона

Ракометарот кој пред неколку дена доби „шут карта“ од Вардар, Вуко Борозан веќе расчисти сè со „црвено-црните“ и тој повеќе не е дел од шампионот на Македонија. Информациите од „Јане Сандански“ велат дека Борозан си заминува со чисти сметки со клубот каде играше во последните неколку години.

Борозан ја продолжува својата кариера во редовите на Барселона, но таму својот прв настап ќе го забележи од сезоната 2019/2020. Тој беше планиран за преселба во овој тим во 2021 година, но ќе се пресели една година порано. Каталонците прифатиле да го стават на платен список од 2019 година така што Вуко ќе има можност да биде дел од најтрофејниот ракометен клуб во светот порано од планираното. Деновиве Борозан треба да се појави на лекарски прегледи во Шпанија, по што ќе се официјализира трансферот во каталонскиот клуб.

Инаку, Борозан не се појави на авионот кој патуваше за  Белорусија на СЕХА Ф4, а не беше ниту на тренинзите за време на ЕХФ неделата. Поради тоа беше казнет од клубот и подоцна исфрлен од тимот. Последните вести велат дека долговите се подмирени и дека разделбата ќе биде мирна. Тој сезонава е во проблеми и одигра само 4-5 натпревари во Лигата на шампионите и во СЕХА лигата, а иако се очекуваше да биде подготвен за настап уште во јануари тој никако да се врати во посакуваната форма и многу подолго заздравуваше после хируршката интервенција.

Во моментов информациите водат кон тоа дека Барселона е следниот тим на Борозан, екипа која сакаше да го види во своите редови и порано кога тој беше во далеку подобра форма од сегашната.