Втора лесна победа за Вардар во 24 часа, рутински совладан Пелистер

Во заостанатиот натпревар од 4. коло во Суперлигата Пелистер беше домаќин на Вардар. Шампионот Вардар забележа уште една лесна победа, го совлада тимот од Битола со 24:31  иако на полувреме домаќинот имаше гол предност.

Вардар го започна натпреварот во добар ритам и веднаш направи добро водство. Во вториот дел од полувремето дојде до опуштање и во напад и во одбрана, беа промашени неколку зицери што Пелистер успеа да го искористи. По првите 30 минути Пелистер имаше предност 15:14.

Во вториот дел Вардар влезе во посилен ритам кој што Пелистер не можеше да го следи. Веднаш гостите го преземаа водството и контролата на натпреварот. Секој обид на домаќинот за изненадување лесно беше одбиен. До крајот одиграа рутински за сигурна победа која ги доближи на само уште еден триумф до освојување на нова шампионска титула.

Во составота на Пелистер со шест гола најдобар беше Табанге, а Милан Поповиќ постигна пет гола. Во составот на Вардар убедливо најефикасен беше Мартин Поповски со 11 гола, додека Карачиќ и Кисељов постигнаа по пет.

ПЕЛИСТЕР – ВАРДАР  24:31(15:14)

Сала: Боро Чурлевски во Битола. Гледачи: 1000. Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски. Делегат: Васил Чавдаров.

Пелистер: Ристевски, Маџовски 1, Поповиќ 5, Димитровски 4, Апостоловски, Јовановски, Димитровски 1 , Кобетиќ 1, Стоилевски 2, Плех, Табангует 6, Дрогришки 3, Ивановски 1.

Седмерци: 3/4. Исклучувања: 2 мин.

Вардар: Стоилов 1, Недановски, Поповски 11, Кристопанс, Мораеш 1, Карачиќ 5, Калараш, Гедбане, Чакалиќ, Дибиров 4, Војводиќ 3, Кисељов 3, Мишевски 1, Калајџиевски, Милосављев.

Седмерци: 3/4. Исклучувања: 6 мин.