Висла без шанси во битката за титула, Келце ја продолжува доминацијата во Полска

Ракометарите на Келце ја одбранија титулата во Полска во дуелот против најголемиот конкурент Висла Плоцк. По првиот дуел кој на теренот на Висла заврши нерешено 26:26, на вториот меч на кој домаќин беше Келце, домашните славеа висока победа 32:25 за нов трофеј во домашното првенство.

Келце од почетокот најави дека нема да дозволи противникот да му ја одземе титулата на негов терен. По водството на Висла Плоцк од 0:1 домашните направија 4:0 и од тогаш постојано беа во водство. Во 15. минута Келце веќе имаше пет гола предност, 8:3. До крајот на првиот дел разликата варираше од три до пет гола, а на полувреме беше 15:12.

Во вториот дел стапија на сцена Алекс Душебаев и Лука Циндриќ кои беа главни носители во нападот на Келце. Одбраната на Висла немаше решение за нивните продори кои успешно ги реализираа. Последните 15 минути Келце играше без Блаж Јанц кој доби црвен картон за спречување контра врз Дашек. Во 50. минута Келце се одлепи на одлични шест гола 25:19 во пресрет на завршните минути. Тука веќе и ракометарите на Висла како да се предадоа и до крајот само се зголеми негативата.

Алекс Душебаев постигна осум гола, а Лука Циндриќ постигна седум гола и беа најзаслужни за триумфот. Откако ја одбранија титулата воо домашниот шампионат сега ракометарите на Келце можат да се насочат кон Ф4 во Лигата на шампиони каде што ќе играат со Веспрем во полуфиналето.