Винчек: Можев да играм за Полска, но зборувам полски само после две пива

По натпреварот одигран помеѓу Полска и Германија во квалификациите за Европското првенство 2020 година, најголемо внимание во полската јавност привлече Патрик Винчек поради тоа што има потекло од Полска.

Пикерот на репрезентацијата на Германија и Кил, Патрик Винчек во последното интервју за полскиот „Спортове факти“ зборуваше за понудата што ја имал да настапува за Полска и очекувањата во Кил за следната сезона.

‚‚Моите корени навистина се поврзани со оваа земја, моите родители се од Полска. Во 2009 година кога настапував за Тусем Есен, селекторот на репрезентацијата Богдан Вента ми предложи да играм за полскиот тим. Решението беше едноставно, зборувам германски, роден сум во Гемранија, пораснав тука и жена ми е Германка. Затоа сакав да играм само за германската репрезентација. Можев да играм за Полска, но полски зборувам само после испиени две пива“, се пошегува Винчек.

На прашањето дали Кил следната сезона се враќа во врвот на европскиот ракомет и Лигата на шампионите, Винчек изјави:

‚‚Се разбира, ќе создадеме одличен тим. Имавме смена на генерацијата кога заминаа одлични играчи, Карабатиќ, Омејер, Илиќ. Не е лесно да се заменат такви херои. Сега ќе имаме нов лидер за кој сум многу среќен што одлучи да се приклучи на тимот. Сагосен е најдобар играч во последните две години. А колку е млад? Само 23 години“, заврши Винчек.

Германија вторпат ја победи Полска во евроквалификациите и обезбеди место на континенталниот собир на две кола до крајот.