Викторија Мурговска за 24 Ракомет: Пелистер има квалитет да ја освои титулата

Новите возбудувања во Женската лига стартуват денеска, а првиот меч кој ќе биде одигран на отворањето на сезонатае меѓу екипите на Цемс и Пелистер кои ќе си ги одмерат силите денеска во 12 часот.

Во новата сезона битолчанки влегуваат со засилени амбиции во битката за титулата. Годинава гледат свои шанси за трофејот, но ќе имаат силна конкуренција.

„Очекуваме да бидеме конкурентни за првото место. Годинава сметам дека битката ќе ја водиме заедно со Металург и Куманово така што ова е тројката која ќе конкурира за трофејот на крајот од сезоната“, изјавува за 24 Ракомет, тренерот на Пелистер, Викторија Мурговска.

Пелистер својот прв предизвик го има против дебитантот во Женската лига, Цемс, а самата Мургоска истакнува дека нема големи информации за првиот ривал во сезоната бидејќи тимот е нов, но очекува нејзините ракометарки да одиграат како што знаат и да ги освојат трите бодови.

„И покрај тоа што не знаеме многу за тимот на Цемс бидејќи се нови, очекувам моите девојки да го изиграат тоа што го работевме во подготвителниот период и на пријателските натпревари и резултатот да биде позитивен за нас. Очекувам и се надевам дека со натпреварите како денешниот ќе ја подобруваме нашата игра и како ќе одминува времето така и ќе ја креваме формата за одлучувачките натпревари. Сепак, во нашата лига која е претежно со ракометарки од младинска конкуренција секогаш можат да постојат изненадувања“.

Ова лето екипата на Пелистер успеа да го засили својот тим со неколу нови имиња и практично да има големи промени во состав, но младите ракометарки кои се воедно нови сили на тимот се полни со желба за игра и докажување и со самото тоа можат да го однесат Пелистер на ново повисоко ниво.

„Заминаа две девојки, а пристигнаа шест нови. Летово останавме без Габриела Величковска и Сања Дабевска , а пристигнаа: Ива Божиновска, Сашка Филиповска, Анастасија Николовска и Слободанка Кицевска од Вардар. Исто така во тимот дојдоа Васка Глигорјадис од Металург и Медеа Чокели која е интернационалка од Грузија и воедно прв странски играч во Пелистер, а таа претходно настапуваше за младинските категории на Виборг и Мидтјиланд“.

Пелистер доведе неколку ракометарки од Вардар кој оваа сезона ќе се осврне само на оние младински играчи, па така ќе биде на рангот на другите екипи што им дава можност на тимовите како Пелистер да се надеваат дека можат да дојдат до трофејот. Мурговска вели дека Пелистер може да игра против секого и дека ќе биде еден од фавотитите за титулата во оваа сезона.

„Дефинитивно се гледаме како еден од фаворитите за освојување на домашниот шампионат“, завршува тренерот на Пелистер, Викторија Мурговска.

Минатата година Пелистер финишираше на 4. место и си обезбеди пласман во Челинџ купот, па ова ќе биде сезона за нови докажувања на тимот од Битола.