Вецлар победи, но го загуби Миркуловски

Македонскиот репрезентативен бек, Филип Миркуловски ќе паузира надвор од ракометните терени неколку седмици откако победата над романскиот шампион скапо го чинеше бундеслигашот. Германски Вецлар беше поуспешен од романскиот претставник Динамо Букурешт, но победата заврши во сенка на повредата на македонскиот плејмејкер, кој за составот на Вецлар ја игра втората сезона.

При крајот на првото полувреме Миркуловски го повредил глуждот на левата нога, а првичните прогнози најавуваат четири недели пауза. По деталните испитувања ќе се знае точната дијагноза и периодот на опоравување за македонскиот интернационалец.

Составот на Вецлар во рамките на своите подготовки учествуваше на Хајд-купот каде во конкуренција на Мелсунген, Кадетен Шафхаузен, Мотор Запорожје и Лајпциг играше во финалето и го освои купот. Во продолжение на подготовките Вецлар ќе одигра уште неколку пријателски натпревари откако вчера го совлада Динамо Букурешт со високи 33-23.

ФОТО: www.hsg-wetzlar.de