Веспрем и Манасков го растурија Фленсбург, со една нога се на Ф4

Во првиот натпревар од четврт-финалето на Лигата на шампионите, Фленсбург и Веспрем одиграа одличен натпревар кој гостите го добија со 28:22 со многу убедлива игра и најверојатно веќе по првиот меч обезбедија пласман на Ф4 во Келн.

Фленсбург добро отвори со 3:0, но гостите брзо се вратија во игра. Веспрем до првото водство стигна во 15 минута со 7:6, веднаш потоа Мате Лекаи пресече една топка и сигурно реализираше за два предност. Во тие моменти Фленсбург имаше проблеми во нападот и беше пет минути без погодок што го искористија гостите да отидат на три гола предност 9:6. Следуваше период на наизменично реализирани напади на двете страни, а предността на Веспрем варираше од два до три гола. Во 25. минута по вторите исклучувања на Терзиќ и Благотиншек, Фленсбург успеа да стигне до израмнување. На полувреме се отиде со нерешени 15:15.

Веспрем многу силно влезе во второто полувреме и по десет минути игра го имаше дотогаш највисокото водство од четири гола, 20:16. Кризата во играта на Фленсбург продолжи и по тајм-аутот на Мајк Макула, а Веспрем во 45. минута се одвои на највисоки 22:16. Одбраната на унгарскиот состав функционираше перфектно со огромна поддршка од голманот Миклер кој по 16 минути на голот имаше 75% одбрани или 6 од 8 удари.

Домашните успеаја да го подигнат нивото на игра и со серија од 3:0 намалија на 20:24. По кризните речиси осум минути без погодок со иста мера возвратија и гостите и се вратија на огромната предност од седум погодоци. До крајот на мечот голманите кои влегоа во вториот дел имаа фантастичен настап, а Миклер беше еден од најзаслужните за победата на Веспрем. Фленсбург беше задржан на само седум гола во вториот дел и забележа заслужен пораз.

Дејан Манасков во составот на Веспрем ја делеше минутажата со Штрлек и ги доби минутите во првото полувреме кога постигна два гола од пет шута. Најдобар стрелец во составот на Фленсбург беше Магнус Јондал со пет гола, а во победничкиот состав Андреас Нилсон  постигна шест погодоци.