Вардар се спаси од срам во Битола

Ракометарите на Вардар одиграа тежок натпревар на гостувањето во Битола и како ретко кога во последните години 60 минути беа во неизвесност. Имаа проблеми од почетокот до крајот на натпреварот, но на крајот од мечот бодовите заминаа за Скопје. Победата од 30:28 доби на значење бидејќи во еден момент негативата беше и девет гола.

На големо изненадување ракометарите на Еурофарм Работник дојдоа до висока предност и во 9. минута од средбата стигнаа до 7:1. Овие шест гола предност беа доволни за да може мирно да се игра во продолжение од средбата. Битолчани имаа контрола, а вардарци играа пребавно и на тој начин овозможуваа противникот уште повеќе да ја зголеми предноста.

Мала надеж за враќање на работите според очекувањата дојде при 9:6, но тоа траеше кратко бидејќи Еурофарм Работник успеа одново да ги вратите под своја контрола и со сигурна игра до крајот на првото полувреме стигна и до 18:9. Овие девет гола беа и највисоките во првите 30 минути кои пред одмор беа намалени, па на пауза беше 18:10.

Почетокот на вториот дел од средбата донесе одржување на разликата. Вардар почна да ги менува работите и да ја намалува негативата. После 20:12 за тимот на Еурофарм Работник дојде до 5:0 за гостите и почна да станува јасно дека овој дуел добива на неизвесност.

Главните возбудувања дојдоа на десет минути до крајот на средбата. Вардар израмни на 27:27 во 54. минута преку Тимур Дибиров, а минута подоцна стигна и до водство од 28:27 преку Шишарев со што сето она што домашните го градеа 55 минути го снема во два напади.

Еурофарм Работник израмни со удар од пенал, а потоа дојде гол од Карачиќ за нова предност од 29:28. Во новиот напад битолчани не реализираа, а потоа во последниот напад Мартин Поповски со гол во последните секунди ги постави конечните 30:28.

ЕУРОФАРМ РАБОТНИК – ВАРДАР         28:30 (18:10)

Сала: „Боро Чурлевски“ во Битола. Гледачи: 3000. Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски од Скопје. Делегат: Душко Камишевски од Скопје.

ЕУРОФАРМ РАБОТНИК: Трајкоски, Чаневски, Ојлески 2, Маркоски 5, Петровски, Пецаковски, Талевски, Чурлевски, Стјепановиќ 4, Кузмановски 8, Радовиќ, Кукоски, Остроушко 4, Граџан, Ѓукиќ 5, Петровски.

Седмерци: 2/2, Исклучувања: 4 мин.

ВАРДАР: Милосављев, Кизиќ, Стоилов 4, Недановски, Поповски 1, Кристопанс 5, Карачиќ 3, Скубе 3, Дибиров 8, Горбок, Шишкарев 4, Војводиќ 2, Мишевски, Калараш 1.

Седмерци: 4/4, Исклучувања: 2 мин.