Вардар и Металург со проблеми пред првото македонско СЕХА-дерби сезонава

Тренерите на двете екипи од Македонија кои в среда ќе имаат пресметка во првото коло од СЕХА-лигата се соочуваат со проблеми пред првиот дуел во сезоната. Натпреварот кој треба да се одигра в среда од 20:45 часот сигурно ќе биде без дел од ракометарите бидејќи некои од нив се повредени, а некои немаат право на настап.

Домаќинот на средбата, Вардар нема да може да смета сигурно на капитенот Стојанче Стоилов, Игор Карачиќ, Вуко Борозан и Даниел Ѓорѓески. Во последните денови на повреди се жалеа и Горбок и Мораеш, но тие би требало да бидат подготвени за да истрчаат на теренот.

Што се однесува до Металург, таму уште не знаат кои од странците кои се најавени како засилувања ќе можат да ги имаат. Белгиецот Арбер Ќерими уште нема потпишано договор за клубот и нејасно е дали формалностите ќе се средат навреме за да може и да настапи на првиот меч од сезоната во СЕХА.

Пивотот Адријан Миличевиќ, пак, нема сертификат и тој исто така засега не е во опција за да игра в среда. Последниот ден за регистрација на новите играчи е утре, па неизвесноста продолжува.

Сосема веројатно е дека Металург ќе го има истиот состав како и на средбата од Супер купот во Струга, додека Вардар ќе биде ослабен бидејќи не може да смета на уште дел од играчите кои играа на средбата пред десет дена.