Вардар испушти шест разлика и ремизираше со ПСЖ во Стразбур

Во меч со две различни полувремиња кои и двете екипи ги добија со по шест разлика со идентични 20:13, Вардар и ПСЖ ремизираа на турнирот во Париз. Конечните 33:33 се доказ дека се работело силно во подготовките и дека новата сезона ќе биде максимално силна и за двата состави.

Почетокот на средбата беше над сите очекувања од ракометарите на Вардар. Тргнаа фуриозно и брзо поведоа со 2:0. Овие два гола во 7. минута станаа три при 4:1. Потоа водството продолжи да расте. На средина од првото полувреме Вардар веќе имаше плус седум гола и водеше со 13:6.

Тука за момент се виде силината во одбраната на ПСЖ. Омејер одбрани и донесе можност за враќање во мечот, а Французите тоа го искористија за во 19. минута да стигнат до 13:10. Тука следуваше кратко смирување на интензитетот, па после 14:11, Вардар влезе во серија од 3:0 и во 23. минута имаше 17:11.

Во 28. минута одново беа достигнати највисоките седум гола при 20:13, но на одмор се замина со 20:14 откако во последните две минути од првото полувреме ракометарите на ПСЖ дојдоа до уште еден погодок. Прв стрелец на Вардар во овие 30 минути беше Тимур Дибиров со шест гола, додека четири имаше Горбок. Голманот Дејан Милосављев помогна со осум интервенции за да се има убава предност на крајот од првото полувреме.

Следните десет минути од средбата не донесоа поместување на работите. Вардар знаеше да го контролира резултатот. Успеа да го издржи налетот на ПСЖ, а и двете екипи постигнаа по пет гола и беше 25:19 во 40. минута.

Меѓутоа после ова за три минути, ПСЖ стигна до три гола во серија и дојде до намалување на 25:22. Со ова се влезе во неизвесна последна четвртина од средбата во која вардарци мораа да бранат три гола позитива. Средбата продолжи со игра гол за гол до 50. минута. Вардар постојано зголемуваше на четири разлика, но ПСЖ намалуваше на три, па се држеше водството и во последните десет минути се влезе со предност од три погодоци.

Работите не одеа најдобро. На седум минути до крајот на средбата, ПСЖ се доближи на само еден гол разлика. Вардар уште имаше предност и водство од 29:28, но веќе не беше така сигурно како на стартот од второто полувреме. На ова следуваше одговор со погодок за два гола разлика. Играта гол за гол траеше кратко, а потоа на четири минути до крај сè почна одново. Вардар остана со ракометар помалку, а ПСЖ израмни на 31:31.

Последната минута беше максимално интересна. При 32:32, Вардар имаше напад, но немаше реализација. Потоа ПСЖ дојде до погодок за водство, а во последниот напад вардарци израмнија. За тимот од Париз немаше многу време за нов напад, па двете екипи мораа да се задоволат со реми од 33:33.